На 19ти септември 2019 година ОУ „Ванчо Николески“ беше домаќин на наставници и ученици од партнер училиштето „Јунус Емре“ од с. Лисичани, општина Пласница. Заедничката средба која се одржа во подрачното училиште во Косел, воедно е прва фаза од добиениот грант за Проектот за меѓуетничка интеграција, во чии рамки на оваа средба се реализираа 6 работилници, со учество на вкупно 50 ученици и 20 наставници. Учениците од двете училишта на интерактивен начин, а под водство на тандеми од наставници, учествуваа во биолошко – хемиска, географска, германска, македонско – турска, спортска работилница, како и психолошка работилница за препознавање и справување со врсничко насилство.
Целта на ваквите средби е преку интерактивни работилници да се бришат меѓуетничките бариери кај нашите ученици, како и да се промовира интеграција, толеранција и соживот со различните од нив. „Денешните работилници со нашите пријатели од партнер училиштето се одличен доказ дека ние како училиште сме спремни да ги реализираме сите наставни и воннаставни активности според наставните програми, паралелно со градежните активности во училиштето во рамки на проектот за реновирање добиен од УСАИД. Се трудиме да си искористиме сите материјално-технички и човечки капацитети за да не трпат учениците и наставата.“ – за медиум изјави Елена Ел-Нади, директор на ОУ „Ванчо Николески“.












