Уште една успешно завршена апликација и обезбедена донација во ООУ „Ванчо Николески“. Здружението на граѓани „Macedonia schools project“ со кое веќе 14 години имаме одлична соработка, ја одобри нашата апликација за обезбедување 3Д печатар во училиштето. 3Д печатарот ќе најде примена во Клубот за кодирање каде членуваат ученици од VI до IX одделение, а го води наставник по информатика. Учениците во рамки на клубот под менторство на наставникот ќе прават опаковки (предмети во 3Д форми) за микробит контролери, имено на компјутер ќе изготвуваат рамка за 3Д предмети кои преку 3Д печатарот ќе се изработуваат, а потоа во нив ќе се вметнуваат микро битовите програмирани да прават одредена функција.
Исто така, во рамки на клубот се планираат проекти со примена на повеќе материјали (глина, пластелин, силикон, восок и сл.). Со помош на 3Д печатарот учениците ќе прават калапи од пластика, што подоцна ќе ги полнат со различни материјали за да добијат готови предмети, украси, кои ќе имаат функционална примена. Планираме Клубот за кодирање со свои изработки да зема учество на базарите што ги организираме како училиште по повод Нова година, Велигден и други празници. Тие ќе програмираат и ќе изготвуваат предмети во зависност од темата на базарите, активностите, а исто така ќе учестваат на натпревари за кодирање и проекти поврзани со моделирање, програмирање и иновации.
Преку обезбедување 3Д печатар и негова примена, сме чекор поблиску до исполнување на нашата визија за воведување иновации и обезбедување можност учениците практично да ги применуваат знаењата од повеќе области.
Тимот одговорен за обезбедување на оваа донација се Весна Терзиоска – педагог и Горан Матески – наставник по информатика, а со поддршка од директорката Елена Ел Нади.