Во училишниот двор во Косел и во овие летни денови се слушна детскиот џагор на учениците од ООУ „Ванчо Николески“ (ПУ Косел), кои имаа забавно – едукативна работилница за меѓукултурно описменување и демократски вредности. Имено, учениците од ова подрачно училиште беа дел од турата на мобилната библиотека “READ on wheels”, во рамки на што развиваа култура за читање на интер-регионални квалитетни литературни дела. “READ on wheels” е регионална мобилна библиотека опремена со книги и други материјали, чија цел е да овозможи пристап до читање и културни активности на млади луѓе во помали и понедостапни зедници. Учениците од ова училиште беа воодушевени од „Библиотеката на тркала“ која изгледаше како вистинска, добија информации за користење и позајмување книги од истата, изразно прочитаа неколку текстови, а на крај имаа креативна работилница за изработка на бележници за книги, што потоа остануваа за нив.
Мултикултурната и мултилингвалната мобилна библиотека е дел од проектот „Регионална мрежа за културна разновидност (РЕАД)“ – регионален културен проект, финансиран од ЕУ и ќе прави тури низ Северна Македонија, Косово, Србија, Албанија и Турција. Проектот го спроведува Гете-институт Скопје заедно со партнерските организации од земјите учеснички.
ООУ „Ванчо Николески“ во континуитет се вклучува и дава поддршка на проекти и активности што се во насока на подобрување на писменоста и интеркултурната димензија кај своите ученици. Училиштето во моментов е вклучено, а и самостојно реализира низа европски проекти за подобрување на демократската клима во училиштето, како и на знаењата и вештините кај учениците.