Со почитување на сите Ковид – 19 протоколи во посета на НУ Библиотека во Охрид беа група ученици и дел од раководниот тим на ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец.
Вработените од библотеката им приредија одлично „патување“ низ новите простории на библиотеката, нудејќи детални инфомации за секојдневната работа, за патот на книгата од нејзината набавка, обработка, до пултот за зајмување и на крај до рацете на читателот. Беа споделувани и интересни совети, примери и податоци за сите други работни обврски кои се извршуваат во установата, а се во интерес на граѓаните.
Посетата беше дел од акцијата „Донеси и понеси книга“, што се реализира во рамките на Проектот за поттикнување на демократска клима во училиштето. Претходно, беа направени и други активности, меѓу кои и средба со роднокраен писател. Целта на овие активности е доближување на книгата до учениците и пројавување поголем интерес кон истата. Учениците се поттикнуваат слободното време да го минуваат во друштво на книгата, да ја разберат големината и значењето на книгата во однос на писменоста, елоквентноста, изразувањето, видикот и широчината на отворениот ум, но и да се предочат негативните страни од прекумерно користење на електронските уреди. Во посета на библиотека беа директорката на училиштето Елена Ел Нади, педагогот Весна Терзиоска, наставничката Александра Петревски и ученичките: Јована Крстаноска, Теодора Тодороска, Наталија Чулческа и Анастасија Чулческа.
Завршниот настан од проектот, отворен ден и презентација на реализираните активности во рамки на истиот, ќе се одржи во петок, 24 декември, во 11:00 часот.









