Во периодот од 21-ви до 25-ти Февруари 2022 година делегација од ООУ „Ванчо Николески“ присуствуваше на првата мобилност од Еразмус+ проектот „Our culture, our future“ („Наша култура, наша иднина“), што се реализираше во Targu Jiu, Романија. Целта на оваа мобилност беше запознавање и споделување знаења и искуства за културното и историско наследство од сите земји учесници, со посебен акцент на земјата домаќин. Освен претставници од нашето училиште, присуствуваа и претставници од: Корчула (Хрватска), Турција, Романија и Португалија. Тимот од пет ученици од нашето училиште (Мелани Котоска, Илијана Климоска, Христијана Парулеска, Софија Колушоска и Наталија Караџова) го водеа педагогот Весна Терзиоска и наставничката по англиски јазик Елисабета Настоска, кои се одговорни на Еразмус+ клубот при ООУ „Ванчо Николески“.
Учениците и наставниците во рамки на оваа мобилност имаа можност да го посетат училиштето „Tudor Vladimirescu“ во градот Targu Jiu кое е партнер во овој проект и да престојуваат во истото, реализирајќи низа активности и креативни работилници за запознавање со културното и историско наследство на Романија, но и на останатите земји партнери во проектот. Учесниците го посетија и уметничкиот музеј Alexandru Stefulescu во Централниот парк и го истражуваа културното и историско наследство во Targu Jiu преку разговор со локалното население и решавање квиз. Понатаму, посетија заштитено етно село, а и домови на локални жители каде гледаа како се подготвуваат глинени садови и како се изработуваат носии и традиционална облека. Таму имаа можност да слушаат традиционална музика, да гледаат и играат традиционални ора, а исто така да вкусат локална традиционална храна. Во рамки на оваа мобилност учесниците беа запознаени со животот и делото на познатиот уметник Бранкуши, а во градската библиотека имаа креативна работилница за изработка на слика со негово дело. Исто така во театарот Elvira Godeanu беше прикажана претстава за празникот Dragobete, на која имаше традиционална романска музика, а заврши со караоке. При оваа мобилност учениците од нашето училиште ја презентираа нашата држава и градот Охрид со сите убавини и културно – историски знаменитости. Сите земји партнери во проектот имаа свој настап со претставување на своите култури, со што учесниците повеќе се запознаа меѓусебно и стекнаа нови знаења за културите во останатите земји.
За време на престојот во Романија учесниците од проектот имаа официјален прием од градоначалникот на градот Targu Jiu. Проектот „Наша култура, наша иднина“ се темели на заеднички активности и размена на искуства за споделување културно наследство, а учениците преку запознавање на другите култури се едуцираат да ги почитуваат разликите помеѓу народите. Следната мобилност од овој проект е во месец март, кога домаќин ќе биде нашето училиште.
ООУ „Ванчо Николески“ е вклучено во пет Еразмус+ проекти.































































