ООУ „ВАНЧО НИКОЛЕСКИ“ ДОМАЌИН НА ЕРАЗМУС+ ОБРАЗОВНА МОБИЛНОСТ

ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец, Охрид, во периодот од 27-ми Март до 01-ви Април 2022 година беше домаќин на 11 наставници и 25 ученици од: Романија, Португалија, Хрватска (Корчула), Турција и Италија. Посетата беше во рамки на Еразмус+ проектот „Our culture, our future“ („Наша култура, наша иднина“), а Охрид беше втор по ред домаќин на образовна мобилност од серијата мобилности што ќе се реализираат низ сите земји учесници во овој проект до крајот на август 2023 година.

Еразмус тимот од ова училиште изготви програма на тема „Културата е нашата иднина“, која беше успешно и во целост реализирана. Пет дена исполнети со работилници, презентации, вежби, посети на културно – историски знаменитости, тимска работа, многу дружење, забава, размена на искуства и учење. 

Во текот на нивниот престој во Охрид, гостите имаа можност да се запознаат со училиштето, со училишните активности, да посетат многу места, да реализираат заеднички работилници за споделување знаења за културните наследства, меѓусебно да соработуваат, како и да бидат дел од заедничката игра „Сложувалка“, која ги опфаќаше сите активности. Во рамки на програмата беше организирана и игра „Потрага по богатство“, која се реализираше во стариот дел од Охрид, кога сите наставници и ученици поделени во 4 групи, имаа можност на интересен и забавен начин да научат за нашите културни богатства и вредности. Исто така учесниците посетија музеи, занаетчиски работилници, Заливот на коските, манастирот Св. Наум и уште многу други автентични места во нашиот град. Наставниците и учениците имаа можност да присуствуваат на традиционална вечера збогатена со изворна македонска музика и настап на играорна фолклорна група. На крајот од оваа средба беше направена евалуација на постигнатите цели, доделени беа сертификати и изготвен краток филм во кој беа прикажани сите активности и резултати од оваа Еразмус+ средба.

Во рамки на неделната работна агенда учесниците од проектот имаа посета на општина Охрид и средба со градоначалникот, г-дин Кирил Пецаков. Во една пријатна и спонтана атмосфера градоначалникот им ги презентираше убавините и знаменитостите на Охрид како центар на културата, писменоста, но и како туристички центар, истакнувајќи ја важноста од образованието како најмоќното оружје за да се промени светот. „Големо е нашето задоволство што Општинското Основно Училиште „Ванчо Николески“ како дел од ЕРАЗМУС+ програмата неколку години по ред преку образовна мобилност ни носи Европски искуства во нашиов образовен процес“ – истакна градоначалникот во неговиот говор.

Целта на овој проект е споделување на културните вредности и традиција на секоја земја уесник во проектот, како мост за поврзување на сите земји учесници, но и како мост од минатото до иднината преку негување на традицијата и културата во сегашноста.

ООУ „Ванчо Николески“ во моментов е вклучено во 5 Еразмус+ проекти, заедно со 20 партнери од други европски земји: „Горди сме што ние како училиште имаме капацитет да се носиме со проекти од вакви размери, кои навистина бараат тимска работа, посветеност и организираност на високо ниво. Ваквите активности поставуваат повисоки стандарди во нашето работење, а со тоа и отворени можности за личен раст и развој на нашите наставници и ученици. Поставените очекувања и цели од оваа мобилност во целост ги реализиравме, дури и надминавме. Гостите си заминаа со одлични впечатоци како од успешноста на оваа образовна мобилност, професионалностa и организираностa како училиште, така и од градот Охрид и неговите убавини“ – истакна Весна Терзиоска, координатор на проектот „Our culture, our future“ од македонската страна.

Следната образовна мобилност од проектот „Our culture, our future“ ќе се реализира во Португалија, во месец октомври 2022 година.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s