30 ученици од еколошката секција од нашето училиште под менторство на одговорната наставничка Татјана Пуцоска Бунчевска беа дел од едукативната екскурзија за мапирање и правилно управување со трската во Охридското Езеро, која се реализира на 29-ти Септември на бродот Александрија. Едукативната екскурзија беше наменета за ученици од основните училишта, а освен нашите имаше ученици и од ООУ „Братство единство“ и ООУ „Св. Климент Охридски“. Исто така имаше претставници и од Секторот за образование од општина Охрид. Целта на едукативниот настан беше подигнување на еколошката свест кај најмладите, посета на места во Охридското Езеро важни за трската, стекнување знаења за правилен третман на трската и нејзината важност за флората и фауната во Охридското Езеро. Учениците преку најразлични едукативни вежби и работилници се запознаваа меѓусебно, стекнаа нови знаења за зачувување на животната средина, практични вештини, а во исто време се дружеа и поминаа прекрасно корисно време заедно.
Едукативната екскурзија беше во рамки на проектот: „Мапирање и управување со трската во Охридското Езеро“ што се спроведува во рамки на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Целта на овој проект е подигнување на свеста за значењето и правилно управување со трската. Едукативната екскурзија беше во организација на Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина – Регионален Зелен Центар од Охрид, со кој нашето училиште ООУ „Ванчо Николески“ има долгогодишна соработка и учество во повеќе проекти преку еколошката секција.
Преку вакви проекти и активности сакаме да ја подигнеме еколошката свест на нашите ученици и да поттикнеме нивно активно вклучување во заштита на животната средина.
























