РАБОТИЛНИЦИ СО ПАРТНЕР УЧИЛИШТЕТО „ЈУНУС ЕМРЕ“ ОД ЛИСИЧАНИ ВО РАМКИ НА ПРОЕКТОТ ЗА МЕЃУЕТНИЧКА ИНТЕГРАЦИЈА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО

Во текот на октомври и ноември 2022 година ООУ “Ванчо Николески”– с. Лескоец, општина Охрид реализираше работилници во соработка со партнер училиштето ООУ “Јунус Емре” – с. Лисичани, општина Пласница. Работилниците се реализираа преку две возвратни посети на партнер училиштата. Подрачното училиште во с. Косел беше домаќин за првата средба која се реализира на 13-ти Октомври. Работилниците се реализираа во рамки на Проектот за меѓуетничка  интеграција во образованието. Во работилниците учествуваа вкупно 20 наставници и стручни соработници и 57 ученици од двете партнер училишта. Втората средба се реализираше на 29-ти Ноември во просториите на основното училиште “Јунус Емре” во с. Лисичани, Пласница.

             Целта на овие средби беше преку интерактивни работилници да се избришат меѓуетничките бариери кај нашите ученици и да се промовира интеграција, толеранција и соживот.  Учениците од двете училишта на интерактивен начин, а под водство на тандеми од наставници, учествуваа во работилница за одделенска настава, македонско – турска, математичка, биолошка, географска и работилница за техничко образование.

            Темата на работилницата од одделенска настава беше “Изработка на буквар”. На работилницата учествуваа вкупно 4 наставнички од одделенска настава и 12 ученици и изработија два буквари, на првата средба буквар на македонски јазик, на втората средба буквар на турски јазик. Букварите по завршувањето им беа поклонeти на учениците од второ одделение кои во моментов се описменуваат и учат да читаат. Цели на оваа работилница беа следниве: запознавање на учениците со кириличните и латиничните букви од двете писма (Македонско и Турско), развивање на соработка, толеранција, согледување разлики помеѓу буквите на Македонски и Турски јазик и непосредна интеракција на учениците од двата етникума.

         На работилницата по македонски – турски јазик учениците ги истражуваа “Турцизмите во македонскиот јазик”. Во неа учествуваа 3 наставници и 10 ученици. На првата средба после направеното неколкудневно истражување се сретнаа и разговараа за турцизмите во македонскиот јазик. Потоа работеа на тоа како да ги препознаваат турцизмите во даден текст. Направија квиз – натпревар на знаење за турцизмите и нивната примена. Селектираа и избраа почесто користени турцизми и македонски фрази со турцизми и направија три хамери на кои ги прикажаа истите. На втората средба го довршија започнатото и создадоа речник на најчесто користени   турцизми во македонскиот јазик.

       Работилницата по математика беше на тема: ”Карактеристики на 3Д форми”. На работилницата учествуваа 3 наставници и 12 ученици. На првата средба учениците повторија кои 3Д форми ги имаат изучено. Тие ги именуваа и опишаа 3Д формите и нивните карактеристики. Ја објаснуваа и анализираа мрежата на на полиедри (бројот и видовите многуаголници). Потоа ја нацртаа мрежата и направија модели на 3Д форми. На втората средба ги направија хамерите со 3Д форми и истите ќе бидат изложени во училиштата. Учениците се запознаа меѓусебно, соработуваа и учеа математика во опуштена работна атмосфера. Цели на работилницата по математика беа следниве:    препознавање, именување и опишување на 3Д формите и некои од нивните карактеристики, објаснување и анализирање на мрежата (бројот и видовите многуаголници) на полиедри, правење модел на секој полиедар и развивање на воочување,заклучување,анализа,синтеза,воопштување. 

           На работилницата по биологија тандемот наставници и учениците од двете училишта работеа и учеа на тема: ”Достапна и чиста вода за сите”. Во оваа работилница учествуваа 2 наставници и 10 ученици. На првата средба преку Power Point презентација учениците се запознаа со актуелните состојби во однос на пристапот, квалитетот и заштитата на водата за пиење и површинските води, со причините кои доведуваат до нивно загадување. Исто така беше разговарано за тоа дека треба да се превземат соодветни мерки за загадувањето и заштита на водата за пиење и површинските води (реки, езера, акумулации) во нивното место на живеење и во државата во целина. На втората средба изработија хамер на оваа тема кој ќе биде изложен во училиштето.

         Работилницата по географија беше на тема: ”Глобално затоплување и ефект на стаклена градина”. На оваа работилница учествуваа 2 наставници и 12 ученици. Преку презентација наставниците ги објаснуваа начините на загадување на воздухот, поделбата на загадувачите, осебено опасните материи како сулфурдиоксид, азотни оксиди, јаглероден моноксид, олово и оловни сулфати и различни аероседименти. Потоа учениците правеа истражувања со помош настаклено ѕвоно. Учениците го започнаа експериментот, со ставање на запалени свеќи во стакленото ѕвоно. Заедно учениците го набљудуваа зголемувањето на температурата во ѕвоното со помош на топломерот, во однос на околината, потоа го забележуваа намалувањето на кислорот со намалување на пламенот и евентуално гасење. На крајот ги сумираа главните стакленички гасови и влијанието на животната средина во однос на стаклената градина и намалувањето на кислородот во животната средина, а со тоа и глобално зголемување на средната на возухот. На втората средба учениците водени од наставниците изработија хамери за глобално затоплување и ефект на стаклена градина кои ќе бидат изложени во училиштата.

        На работилницата за техничко образование учениците работеа на тема: ”Циркулација на сообраќајот”. Во оваа работилница учествуваа 2 наставници и 8 ученици. Учениците се запознаа меѓусебно и научија за поставувањето на сообраќајни знаци за ред и безбедност како и за важноста на сообраќајните знаци и нивно почитување во сообраќајот. Особено се истакна дека треба да се има одговорност во сообраќајот. Потоа учениците преминаа на цртање со молив на 5 сообраќајни знаци на првата средба. Истите тие ќе ги избоија и ставија на штички на втората средба. Со тоа направија 5 сообраќајни знаци и го научија нивното значење во сообраќајот.

      Со одржаните работилници учениците ги збогатија своите знаења и другаруваа. Пред се најважно е што ја развија меѓусебната соработка и толеранција. Исто така преку непосредна интеракција ја подобрија тимската работа, ги намалија предрасудите и ги подобрија интерперсоналните односи помеѓу двата етникуми.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s