НАПРАВИ ГО СВЕТОТ ПОДОБАР. ПОЧНИ ОД СЕБЕ.
ООУ “Ванчо Николески” се наоѓа во центарот на селото Лескоец, кое е оддалечено 3 километри од градот Охрид и припаѓа на таа општина.
ООУ “Ванчо Николески” во својот состав ги опфаќа училиштето во Лескоец и подрачните училишта во с. Косел, с. Куратица, како и подрачната паралелка во с. Ливоишта.
Условите за работа во основното училиште во Лескоец од година во година значително се подобруваат, како во однос на реновирања, така и во однос на збогатување на нагледноста во училиштето. Во текот на септември и октомври 2019 година во училиштето во Лескоец во рамки на Проект од УСАИД (Компонента Реновирање) целосно се реновираа санитарните јазли за учениците, ѕидовите и таваните во 8 училници, се поставија нови врати 8-те училници и 2-та кабинети, целосно се реновира училишниот хол заедно со таванот, се доуреди една помошна просторија, се направија простории за архива и ФЗО, се изгради пристапна рампа за лица со посебни потреби, а исто така се уреди и оплемени училишниот парк со нови клупи, маси и забавни реквизити.
Во склоп на училиштето во Лескоец има и библиотека, која во април 2016 година се реновира и се опреми, а во учебната 2017/18 година се збогати со лектирни и други изданија.
Во близина на основното училиште во Лескоец се наоѓа амбуланта за општа медицина и стоматолошки услуги, аптека, пошта и повеќе самопослуги. Лескоец функционира како модерна и современа приградска населба со асфалтирани улици, повеќе самопослуги, плоштад, Дом на култура и неколку помали погони (за преработка на дрво и текстилни производи).
Училишната зграда во Косел е стара, но реновирана и оспособена за нормално одвивање на наставниот процес. Во 2016 година целосно се реновираше старата спортска сала во ПУ Косел со што значително се подобрени условите за изведување на наставта по ФЗО.
Училишната зграда во Куратица е реновирана и доградена, со што истата пружа одлични услови за изведување на наставата според моменталната бројка за запишани ученици.
Од септември 2013 година учениците од I до III одделение од с. Вапила и с. Ливоишта наставата ја посетуваат во реновиран објект во с. Ливоишта, каде има солидни услови за непречено реализирање на наставата во подрачната паралелка.
МИСИЈАТА на нашето училиште е обезбедување квалитетно и современо воспитание и образование на сите ученици, преку реализација нанаставните планови и програми, како и оспособување на учениците за успешно продолжување на понатамошното образование и вклопување во животот воопшто. Исто така училиштето се залага да биде безбедно место за учење и работа, место за соживот и организирање на заеднички активности вовоспитно – образовниот процес на сите етнички групи во заедницата.
Мотото на нашето училиште:
ИНДИВИДУАЛНО, НИЕ СМЕ ЕДНА КАПКА. ЗАЕДНО, НИЕ СМЕ ОКЕАН.
Слогани на нашето училиште:
- Наша цел не е со помнење да складираме, туку со мислење да креираме.
- Да се движиме напред со силата на умот, а не со умот на силата.
- Оправдување бараат слабите, а ние веруваме во себе и се обидуваме повторно.
ВИЗИЈА: Нашето училиште сакаме да биде средина во која ќе владее клима на меѓусебно почитување и доверба, и во која учениците и наставниците со задоволство ќе престојуваат.
Во него наставата ќе биде современа, ефикасна, квалитетна и прилагодена на потребите и интересите на учениците, родителите и наставниците. Условите за работа и учење постојано ќе се менуваат и подобруваат. Ќе бидеме училиште што ќе се грижи и воспитува ученици кои ќе ја чуваат животната средина и развиваат меѓуетничка соработка.