Уште една генерација успешно го заврши основното образование во ООУ „Ванчо Николески“. Со почитување на мерките за заштита од Ковид 19 на свечен начин им беа доделени завршните свидетелства на деветтооделенците, а за тие со континуиран одличен успех и поведение беа обезбедени книги како подарок и пофалници. За првенец на генерација беше избрана ученичката Искра Парулеска, на која и’ беше доделена Диплома за континуиран одличен успех и примерно поведение во текот на целото школување, успешно учество на многу натпревари и афирмација на училиштето. Исто така со Пофалница за континуиран одличен успех и примерно поведение во текот на целото школување, како и афирмација на училиштето се стекнаа 8 ученици од IX одделение, и тоа: Софија Николоска, Софија Парулеска, Ивана Базгалоска, Ангела Ѓуклеска, Филип Камнароски, Елена Јанеска, Стефанија Баракоска и Марио Пуцоски. Оваа генерацијата ја водеа одделенските раководители: Габриела Ѓоргиевска, Миле Аврамоски, Љубица Тодороска и Валентина Караѓуле. На сите ученици од IX одделение им ја честитаме полуматурата, успешно завршеното основно образование, со желба за многу успех во понатамошното образование и во животот воопшто. На наставниците им посакуваме уште многу вака успешни генерации!
Месец: м.г
ООУ „ВАНЧО НИКОЛЕСКИ“ ИЗРАЗИ БЛАГОДАРНОСТ ДО МЕДИЦИНСКИТЕ ЛИЦА ОД КОВИД ЦЕНТАРОТ ВО ОХРИД
Претставници од ООУ „Ванчо Николески“ – Лескоец и дел од учениците од Еразмус+клубот при истото, денес го посетија Ковид центарот при охридската болница за да изразат благодарност до целиот тим за нивниот труд и трпение во изминатиов период. На оваа средба учениците на медицинските лица кои повеќе од една година се напрвата борбена линија со Ковид пандемијата, им подарија 30 рачно изработени декоративни свеќници, направени специјално за нив. Свеќниците беа изработени на креативна работилница од страна на учениците, под менторство на одговорните за Еразмус+ проектите, но и со вклученост и поддршка на родителите. Се надеваат дека овие свеќници ќе го оплеменат и красат просторот, каде можеби многумина од здравстевните работници оваа година ги доживеаја најтешките моменти. „Со овој скромен гест сакаме да оддадеме почит и да покажеме дека ние го цениме трудот на сите здравствени работници, кои безрезервно спасуваа животи и секојдневно се жртвуваа за сите нас на нивното работно место. Овие лица се наши херои, бидејќи ја покажаа својата неуморност и грижа за сите нас, дури и тогаш кога сите ние бевме уморни. Свесни сме дека имаа претешка задача, но благодарни сме за сѐ што направија за Охрид и нашите сограѓани.“ – велат од ООУ „Ванчо Николески“. Со желба и надеж да се задржи овој амбиент на постепено исчезнување на пандемијата, од училиштето апелираат до сите граѓани да дадат поддршка на свој начин, за да се намалат последиците и да се олесни борбата на здравствените работници. ООУ „Ванчо Николески“ е вклучено во 5 Еразмус+ што во овој период ги реализира преку онлајн активности и креативни работилници. Освен основните цели на овие Еразмус+ проекти за стекнување знаења и разменување искуства кај учениците, тие се насочуваат да градат позитивни вредности, почитување и грижа за другите.
ОБЕЗБЕДЕН ТРИДИМЕНЗИОНАЛЕН (3Д) ПЕЧАТАР ВО ООУ „ВАНЧО НИКОЛЕСКИ“
Уште една успешно завршена апликација и обезбедена донација во ООУ „Ванчо Николески“. Здружението на граѓани „Macedonia schools project“ со кое веќе 14 години имаме одлична соработка, ја одобри нашата апликација за обезбедување 3Д печатар во училиштето. 3Д печатарот ќе најде примена во Клубот за кодирање каде членуваат ученици од VI до IX одделение, а го води наставник по информатика. Учениците во рамки на клубот под менторство на наставникот ќе прават опаковки (предмети во 3Д форми) за микробит контролери, имено на компјутер ќе изготвуваат рамка за 3Д предмети кои преку 3Д печатарот ќе се изработуваат, а потоа во нив ќе се вметнуваат микро битовите програмирани да прават одредена функција.
Исто така, во рамки на клубот се планираат проекти со примена на повеќе материјали (глина, пластелин, силикон, восок и сл.). Со помош на 3Д печатарот учениците ќе прават калапи од пластика, што подоцна ќе ги полнат со различни материјали за да добијат готови предмети, украси, кои ќе имаат функционална примена. Планираме Клубот за кодирање со свои изработки да зема учество на базарите што ги организираме како училиште по повод Нова година, Велигден и други празници. Тие ќе програмираат и ќе изготвуваат предмети во зависност од темата на базарите, активностите, а исто така ќе учестваат на натпревари за кодирање и проекти поврзани со моделирање, програмирање и иновации.
Преку обезбедување 3Д печатар и негова примена, сме чекор поблиску до исполнување на нашата визија за воведување иновации и обезбедување можност учениците практично да ги применуваат знаењата од повеќе области.
Тимот одговорен за обезбедување на оваа донација се Весна Терзиоска – педагог и Горан Матески – наставник по информатика, а со поддршка од директорката Елена Ел Нади.




























