Еразмус+ проект „Our stories are our bridges“ / „Нашите приказни се наши мостови“

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во рамки на програмата Еразмус+ 2021-2027 ја одобри апликацијата од ООУ „Ванчо Николески“ за проектот „OUR STORIES ARE OUR BRIDGES” или „Нашите приказни се наши мостови“.

Проектот е од Клучна акција KA210-SCH – партерства од мал обем во полето Училишно образование, а како партнери на координаторот ООУ „Ванчо Николески“ се јавуваат училишта од Република Словенија и Република Хрватска. Истата ќе се имплементира во периодот од 01.12.2023 до 30.11.2024 година.

🎯Целта на овој проект е преку раскажување позитивни приказни што ја истакнуваат важноста на културата, традицијата и обичаите, да се изградат високи вредности кај учениците.

„Мора да се раскажуваат приказни или тие ќе умрат, а кога ќе умрат, не можеме да се сетиме кои сме или зошто сме тука.“ – С.М. Кид.

👉Младите треба да бидат запознаени со вредноста на своето минато.

👉Заборавените приказни од нашите предци придонесуваат за недостаток на културна свест и разбирање, негативни стереотипи кон другите националности, како и негативни ставови и нетолеранција.

👉Изложеноста на различни културни приказни може да им помогне на учениците да развијат чувство на емпатија и ценење за разликите.

👉Затоа, важно е на учениците да им се обезбедат можности да учат и ценат различни културни народни приказни и практики.

Проектните активности се веќе започнати да се реализираат со своите ученици во рамки на секое училиште партнер, а првата образовна мобилност на наставници и ученици е во Словенија, во Март 2024 година.

Ова е шести Еразмус+ проект што го реализира ООУ „Ванчо Николески“. Претходно се успешно и целосно имплементирани пет Еразмус+ проекти од клучна акција КА 229.

Напишете коментар