Одбележани 45 години од смртта на нашиот патрон, писателот Ванчо Николески

По повoд 45 годишнината од смртта на познатиот македонски писател и наш патрон Ванчо Николески, преставници од  НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид гостуваше во нашето училиште.

Библиотекарите Бети Лазеска – Симоноска и Милчо Јованоски, заедно со ВД директорката на библиотеката Христина Трпеска, два часа другаруваа со учениците од шесто одделение и нивната наставничка по македонски јазик Емилија Блажеска.

Претставниците од библиотеката ги потсетија учениците на богатата биографија на Николески, кој не случајно е и патрон на ова училиште со оглед на тоа што еден период работел и како учител во училиштето во село Косел.

Ванчо Николески е роден во селото Црвена Вода, Охридско на 10 јуни 1912 година. Основно училиште завршил во родното село, гимназија во Охрид, а учителска школа во Скопје. По завршувањето на учителска школа, тој учителствувал во многу села низ Македонија.

По ослободувањето на Македонија, Николески работел како новинар и уредник на весникот „Титов пионер“ и во детските емисии на Радио Скопје и Радио Битола и Радио Охрид  Од 1950 година бил член на Друштвото на писателите на Македонија.

За своето книжевно творештво, Николески бил добитник на повеќе книжевни награди, меѓу кои и наградите: „11 Октомври“ „Климент Охридски“ и  „Младо поколение“.

Неговите дела се преведени на сите југословенски јазици, а тој самиот се занимавал со преведување од српски и од руски јазик. Во негова чест, Друштвото на писателите на Македонија ја доделува наградата „Ванчо Николески“ за книга за деца и млади.

Ванчо Николески спаѓа во основоположниците на македонската книжевност за деца и нејзин најистакнат претставник во периодот непосредно по Втората светска војна. Своите први поетски творби ги објавил во детскиот весник „Титов пионер“.

Негови најпознати дела се: „Македонче“ (прва збирка песни за деца на македонски јазик, 1946), „Мице“ (поема, 1947), „Школско ѕвонче“ (песни, 1947), „Прва радост“ (песни, 1947), „Бабино вретенце“ (песни, 1948), „Крај огниште“ (песни, 1948), „Дедови приказни“ (песни, 1950), „Шарено торбиче“ (песни, 1950), „Татковина“ (песни, 1950), „Мое село“ (песни, 1950), „Чуден свет“ (песни, 1952), „Чудотворен кавал“ (раскази, 1952), „Мојот ден“ (сликовница, 1952), „Стани, Коле“ (песни, 1952), „Братска дружба“ (приказни и бајки, 1953), „Четиринаесет илјади ослепени“ (историска поема за времето на Цар Самоил, 1954), „Приказни и бајки за деца“ (1955), „Чудни случки“ (раскази, 1958), „Цвета смета“ (сликовница, 1960), „Волшебното самарче“ (роман, 1962), „Приказни од моето село“ (раскази, 1964), „Гоце Делчев“ (роман, 1964), „Чуден дедо“ (песни, 1964), „Под виорното знаме“ (роман, 1967), „Приказни од волшебната куќичка“ (раскази, 1970), „Малиот ловец“ (раскази, 1970), „Станко спанко“ (песни, 1972), „Ѕвездени вечери“ (песни, 1973), „Рачко плачко“ (песни, 1973), „Крвави години“ (хроника-роман), „Жива книга“ (раскази, 1978).

Учениците имаа можност да ги видат и разгледаат многу од неговите дела што претставниците од библиотеката ги донесоа.

На учениците им беа прераскажани неколку анегдоти сврзани со животот на писателот Николески, кој најголем дел од животот го поминал во Охрид.  Од страна на пртетсавниците од библиотеката учениците беа одблиску запознаени со фондот книги кои се дело на Николески, а ги поседува Библиотеката.

Исто така им беше предложено на веб страницата од градската библиотека да го побараат и да го слушнат аудио записот од романот „Гоце Делчев“ на Николески , реализиран во продукција на охридската Библиотека уште во 2016 година.

Учениците имаа можност да ја слушнат 13 глава од романот под наслов „Чудниот трговец“ со нарација на библиотекарката Сузана Стојкоска.

Тие напоменаа дека двата дела кои само пред нецели четири години се поставени на каналот YOU TUBE на Библиотеката се слушнати близу 20 000 пати.

Ванчо Николески починал во Охрид на 15 април 1980 година на 67 годишна возраст, а нашето училиште со гордост го носи и слави неговото име.

Напишете коментар