Посета од педагог и учителка од ОШ „Краљица Јелена“ од Република Хрватска

Во периодот од 31-ви Март до 4-ти Април, нашето училиште беше домаќин на педагогот Сања Матиќ и наставничката во одделенска настава Анита Чупиќ од ОШ „Краљица Јелена“ од Солин, близу Сплит, Република Хрватска. Тие беа на работна посета во нашето училиште, како дел од програмата за акредитација Еразмус+.

Педагогот Сања Матиќ споделуваше и разменуваше искуства со нашиот педагог Весна Терзиоска, додека наставничката Анита Чупиќ соработуваше со наставничките од одделенска настава, но и следеше и реализраше настава кај учениците од IVa, IVб, IIIa и Vб одделение, во договор со нашите наставнички: Марија Крцоска, Марјана Крстаноска, Јасна Бадалоска и Татијана Симиџиоска.

Хрватскиот педагог ја набљудуваше работата на нашиот педагог и разменуваа искуства за сличностите и разликите во двата образовн системи, како и делокругот на работа на стручен соработник кај нас и во Хрватска. За разлика од нашето деветгодишно основно образование, основното образование во Хрватска трае 8 години, а учениците се запишуваат на 7 годишна возраст. Стручните сработници разменија искуства за сите подрачја на работа на педагогот, за планирањето на работата на педагогот, работата со ученици, наставници и родители, педагошката документација, професионалниот развој, увид врз наставата, како и дигиталните алатки кои педагогот ги користи во својата работа. Присуствуваа и на работилница што нашиот педагог ја реализираше со учениците од четврто одделение, а се однесуваше на начини за ненасилно решавање конфликти и активно слушање.

Наставничката Анита Чупиќ со учениците од четврто одделение одржа музичка работилница по нивната наставна програма. Таа ги запозна колегите со областите на наставната програма, образовните резултати, содржината и нивоата на владеење, а покажа и примери на формативно и сумативно оценување на учениците. Таа исто така, креираше музички игри со учениците за да ја стимулира нивната аудитивна перцепција. Понатаму, таа ги запозна поголемите ученици со апликацијата Learning Aps, која е многу лесна за употреба. Апликацијата нуди различни квизови, крстозбори и тестови за прегледување на наставната содржина.

Во рамки на својата посета на нашето училиште гостите присуствуваа на часови по математика, природни науки, македонски јазик, општество, ликовно образование и музичко образование.

👉 Гостите ја посетија сензорната соба за ученици со попреченост, разговарајќи со наставниците и со образовниот асистент кој работи со ученици со посебни потреби. Согледаа како асистентот се подготвува и создава материјали за работа, а и како работи со ученик со посебни потреби на час.

👌 Покрај посетата на училиштето, гостите имаа прилика да уживаат во убавините на Охрид, особено во панорамата на Охридското Езеро и во посетата на многубројните манастири, меѓу кои и манастирскиот комплекс Свети Наум. Ги слушнаа приказните за Свети Наум, Свети Климент, за Робевци, за познатата охридска куќа, за охридските бисери и беа воодушевени од природните убавини и културно – историското значење на Охрид.

Тие беа особено импресионирани од гостопримството на нашиот колектив, нашиот голем ентузијазам и мотивација за работа со ученици, што се темел на квалитетен образовен систем.

🍀 Им благодариме на нашите колеги од ОШ „Краљица Јелена“ за посетата и споделувањето знаења и искуства со нас. Со надеж за повторна средба, продолжуваме да ја негуваме и продлабочуваме соработката со нашите хрватски колеги, со цел заедно да ги подобруваме образовните практики во своите училишта 🍀

Напишете коментар