Проект за меѓуетничка интеграција во образованието

Во текот на месец мај 2025 година ООУ „Ванчо Николески”– с. Лескоец, општина Охрид реализираше работилници во соработка со партнер училиштето ООУ „Јунус Емре” – с. Лисичани, општина Пласница. Работилниците се реализираа во две возвратни посети на партнер училиштата. Првата средба се реализираше на 08-ми Мај во централното училиште во село Лескоец. Втората средба се реализира на 14-ти Мај, а домаќин беше училиштето „Јунус Емре” од село Лисичани, општина Пласница. Работилниците се реализираа во рамки на Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието. Во работилниците учествуваа вкупно 13 наставници и 52 ученици од двете партнер училишта.

Целта на овие средби беше преку интерактивни работилници да се избришат меѓуетничките бариери и да се промовира интеграција, толеранција и соживот, а учениците преку интерактивни, креативни работилници да се стекнат со дополнителни знаења и вештини.
Учениците од двете училишта на интерактивен начин под водство на тандеми од наставници, учествуваа во работилници од: одделенска настава, биолошка работилница, работилница за англиски јазик и работилница по ликовно образование.
Темата на работилницата од одделенска настава беше „Храната како културно обележје на една заедница”. Во неа учениците се запознаа со традиционалната македонска и турска храна и научија дека храната е одбележје на еден народ. Училниците ги претворија во инстант кујни во кои учениците водени од наставниците приготвија вкусни македонски питулици и турска алва. Сите учесници уживаа во дегустацијата.

На работилницата по биологија тандемот наставници и учениците од двете училишта работеа и учеа на тема: „Изработка на макети на дигестивен систем кај човекот”. Преку презентација и изработка на макети од различни матерјали, учениците научија од кои органи е составен дигестивниот систем на човекот и за што служат тие.

         На работилницата по англиски, турски и македонски јазик учениците работеа на тема: ”Let’s have a dessert”. Го збогатија вокабуларот, учеа бројни и небројни именки на три јазици. Научија за здрава и нездрава храна и приготвија дубаи чоколадо на првата средба и здрави фит коцки на втората средба. Дојдоа до заклучок дека нездравата храна, иако е повкусна, не е соодветна за консумација.

Темата на работилницата по ликовно образование беше: „Свадба-традиционални обичаи и традиционален накит”. Учениците се запознаа со традиционалните обичаи и накитот кој се употребува на македонските и турските свадби. Нацртаа на хамери дел од обичаите и изработија со квилинг техника филигрански традиционален накит. 

Веќе неколку години нашето училиште реализира заеднички двојазични работилници во соработка со партнер училиштето ООУ „Јунус Емре” – с. Лисичани, од општина Пласница, во рамки на Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието.

Напишете коментар