На 11.11.2025 десетчлена делегација од професори и доктори на науки од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, за целите на проектот „Мапирање на потенцијални геохазарди со посебен акцент на сеизмолошки податоци”, го посетија нашето училиште и одржаа едукативни предавања и интерактивни работилници за заштита од земјотрес со учениците од предметна настава.



Едукативно предавање за заштита од земјотрес одржа Проф. Д-р Катерина Дрогрешка – вонреден професор на институтот за физика, раководител на сеизмолошка опсерваторија при ПМФ во Скопје.
На тема „локалитет Дувало“ едукативно предавање одржа Проф. Д-р Благоја Маркоски – редовен професор на институтот за географија.
Главната цел на оваа активност беше да се подигне свеста кај учениците за правилно однесување пред, за време и по земјотрес, да се зајакне нивната подготвеност во случај на вакви природни непогоди, но и да се запознаат со земјотресот како природна појава.


Едукативните предавања беа придружени со интерактивна работилница, прилагодена на возраста на учениците (од VII до IX одделение) и траеја околу 2 часа, со практични демонстрации и материјали за визуелна едукација. Притоа дел од учениците добија рекламен материјал, а училиштето едукативен материјал (во вид на постери), за сеизмичноста на охридското епицентрално подрачје, мерките за заштита од земјотрес и поврзаноста на математиката и географијата со сеизмологијата.
Целиот настан беше во организација на следната група професори и асистенти:
Проф. Д-р Катерина Дрогрешка – вонреден професор на институтот за физика, раководител на сеизмолошка опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје
Проф. Д-р Драгана Черних – Анастасовска – редовен професор на институтот за физика
Проф. Д-р Јасмина Најдовска – вонреден професор на институтот за физика
М-р Љубчо Јованов – Виш лаборант на институтот за физика
Проф. Д-р Благоја Маркоски – редовен професор на институтот за географија
Проф. Д-р Свемир Горин – редовен професор на институтот за географија
Проф. Д-р Иван Радевски – редовен професор на институтот за географија
М-р Арсе Кузмановски – асистент на институтот за географија
Проф. Д-р Ирена Стојковска редовен професор на институтот за математика
М-р Ерблина Зеќири – асистент на институтот за математика


За одржување на едукативното предавање и работилница беше избрано нашето училиште, како продолжение на долгогодишната соработка на наставничката по математика и физика Цвета Андреска и Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ – Скопје.
Ни беше огромна чест и задоволство нашето училиште да биде посетено од врвни стручни лица од оваа област, а посебна придобивка е што нашите ученици имаа можност да бидат едуцирани од истите. Соработката со Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ – Скопје продолжува!


