ЗАСАДЕНО УКРАСНО ЗИМЗЕЛЕНО ДРВО НА МИРОТ ВО УЧИЛИШНИОТ ДВОР

Во рамки на проектот „Патеката на мирот“, ученици од беровската гимназија ОСУ „Ацо Русковски“ го посетија нашето училиште и засадија украсно зимзелено дрво од видот Photinia Red Robin во училишниот двор. Овој проект беровската гимназија го реализира заедно со училишта од Албанија и Косово, а целта е промовирање на соживот и мир, преку организирање работилници и симболично засадување дрвциња на мирот во 3 различни училишта низ нашата држава.

ООУ „Ванчо Николески“ во Лескоец беше избрано како дестинација за заокружување на нивниот проект, каде го засадија последното украсно дрво и испратија порака за меѓусебно почитување, мир и толеранција.

Новогодишни пакетчиња за првачињата

Со желба за добро здравје и многу успех во Новата година, директорката на ООУ „Ванчо Николески“ денес во холот на училиштето им подари новогодишни пакетчиња на првачињата. Таа искажа искрени пофалби за нивниот труд во изминатото полугодие, за нивната одговорност кон почитување на мерките за безбедност и нивната посветеност во учењето. Со надеж дека сите заедно ќе имаме подобра следна година, таа им посака среќни новогодишни и божиќни празници, да останат безбедни, за потоа одморени и среќни да се вратат во училишните клупи во второто полугодие. Првачињата под менторство на нивните наставнички имаа подготвено песна и стихотворба, преку кои се заблагодарија на новогодишните желби и пакетчиња.

НОВОГОДИШНАТА ЕЛКА ВО ООУ„ВАНЧО НИКОЛЕСКИ“ НАКИТЕНА СО МЕДАЛИ ОД ПРОЕКТОТ „ПРЕДИЗВИКАЈ СЕ СЕБЕСИ И БИДИ АКТИВЕН“

ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец е едно од десетте училишта вклучени во проектот „Предизвикај се себеси и биди активен“, а се однесува на поттикнување на физичката активност кај учениците. Над 30 ученици од ова училиште во текот на месеците октомври и ноември партиципираа во активности и вежби, креирани од квалификуван и професионален едукатор за физичко образование, преку интерактивна онлајн плаформа.  

Continue reading “НОВОГОДИШНАТА ЕЛКА ВО ООУ„ВАНЧО НИКОЛЕСКИ“ НАКИТЕНА СО МЕДАЛИ ОД ПРОЕКТОТ „ПРЕДИЗВИКАЈ СЕ СЕБЕСИ И БИДИ АКТИВЕН“”

Целосно осветлен училишниот двор во ООУ „Ванчо Николески“ во Лескоец

Благодарение на Лајонс клубот Лихнидос и ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец стана место на светлината, како дел од проектот „Охрид – Град на Светлината“.

Училиштето „Ванчо Николески“ во Лескоец за првпат е целосно надворешно осветлено, со најнова лед технологија. Светлата се штедливи, долготрајни и потполно безопасни, посебно затоа што во прашање се деца. Осветлувањето на училиштето е донација од Лајонс клубот Лихнидос од Охрид.

Со осветлувањето е опфатен главниот влез, предната страна од двете крила на зградата, училишното игралиште со реквизити, како и задниот дел од училиштето. Со оваа акција освен што училиштето доби нов естетски изглед во вечерните часови, значително се подобрија условите за безбеден престој на учениците, како и за зачувување на реквизитите што во доцните часови се предмет на уништување.

„Соработката со ЛК Лихнидос постои веќе неколку години и е на високо ниво, а ова не е нивниот прв хуман гест. Сигурна сум дека и во иднина ќе имаме други заеднички активности, сѐ со цел подобрување на условите во нашето училиште“ – истакна директорката на училиштето Елена Ел Нади.  

ООУ „ВАНЧО НИКОЛЕСКИ“ ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „ПРЕДИЗВИКАЈ СЕ СЕБЕСИ И БИДИ АКТИВЕН“

ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец е едно од десетте училишта вклучени во проектот „Предизвикај се себеси и биди активен“, а се однесува на поттикнување на физичката активност кај учениците. Имено, над 30 ученици од ова училиште партиципираат во активности и вежби, креирани од квалификуван и професионален едукатор за физичко образование, преку интерактивна онлајн плаформа http://predizvik15.mk/.  

Continue reading “ООУ „ВАНЧО НИКОЛЕСКИ“ ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „ПРЕДИЗВИКАЈ СЕ СЕБЕСИ И БИДИ АКТИВЕН“”

Со донација од дијаспората купени таблети за ученици во ООУ „Ванчо Николески“

ООУ „Ванчо Николески“ на почетокот од оваа учебна година доби донација, парични средства од жители од Лескоец кои денес живеат во дијаспората. Во заеднички договор со нив, со паричните средства се обезбедија 5 таблети со потребните перформанси за следење наставата од далечина на новата национална платформа.

ООУ „Ванчо Николески“ искажува голема благодарност за донацијата на пријателите од дијаспората, бидејќи со овој нивен хуман гест се подобрија условите кај некои ученици и семејства, при што се олесни ситуацијата за непречено следење на наставата онаму каде што имаше потреба.

Училиштето продолжува да работи во интерес на учениците и нивните семејства, преку барање начини за дополнителни донации и решенија за сите предизвици, сѐ со цел сите ученици да бидат опфатени со квалитетна и безбедна настава.

Првиот училишен ден!

Денес ООУ „Ванчо Николески“ ги отвори вратите за вкупно 123 ученици кои ќе отпочнат да следат настава со физичко присуство во централното и подрачните училишта во учебната 2020/21 година. Во училиштето во Лескоец и во подрачната паралелка во Ливоишта настава со физичко присуство ќе следат учениците од I до III одделение, додека во подрачните училишта во Косел и Куратица настава со физичко присуство ќе следат сите ученици од I до IX одделение.

Continue reading “Првиот училишен ден!”

УШТЕ ЕДНА ГЕНЕРАЦИЈА ПОЛУМАТУРАНТИ

Денес во нашето училиштето барем на кратко повторно се слушна детскиот џагор. Во малку необична атмосфера и со почитување на препораките за заштита од Ковид 19, на учениците од IX одделение им беа доделени свидетелствата за завршено основно образование. Заедно со свидетелствата на учениците им беа поделени и пријави за запишување во средно училиште, а на првенецот на генерација и на учениците со одличен успех им беа подарени книги за постигнатиот успех. Првенец на генерација 2019/20 година е ученичката Марија Настоска од подрачното училиште од Косел.На сите ученици од IX одделение им ја честитаме полуматурата, успешно завршеното основно образование и им посакуваме многу успех во понатамошното образование и во животот воопшто!
Училишниот персонал и во овие услови продолжува со работа заради заокружување на учебната 2019/20 година со максимално почитување на препораките за заштита од Ковид 19, како и со надеж дека следната учебна година ќе ја започнеме во нормални услови.