Активности за одбележување на Европската недела на мобилност во ПУ Косел

Во рамки на одбележувањето на Европската недела на мобилност 2021 што оваа година се одржува под мотото “Безбедни и здрави со одржлива мобилност”, во ООУ „Ванчо Николески“ – Подрачно училиште Косел се реализираа низа активности, со цел да се подигне свеста кај најмладите за негување здрави животни навики. На светскиот ден без автомобили, 22- ри Септември, во ПУ во Косел беа организирани игри со велосипеди, ролери и тротинети, како и еко-квиз и предавање за зачувување на животната средина. Преку овие активности учениците низ игра и забава се едуцираа, но и покажаа висок степен на знаење/вештини за тоа како да се однесуваат во животната средина, како да ја чуваат и негуваат природата. Училиштето продолжува со активности и заложби за практикување на стекнатите знаења и промовирање висок степен на заштита на животната средина, а со тоа и на сопственото здравје.

ПОСТАВЕНИ НОВИ 8 СМАРТ ТЕЛЕВИЗОРИ ВО УЧИЛИШТЕТО ВО ЛЕСКОЕЦ

Со успешно реализирање на проект поддржан од „Macedonia schools project“, ООУ „Ванчо Николески“ набави 8 смарт телевизори и со истите опреми 8 училници во централното училиште во Лескоец. Телевизорите ги имаат потребните перформанси за современа настава и со примена на истите значително ќе се подобри квалитетот на наставата, а воедно нашето училиште соодветно ќе одговори на новите предизвици на дигиталното општество. Одговорен тим за реализација на овој проект се: педагогот Весна Терзиоска, наставникот по информатика Горан Матески, директорката Елена Ел Нади, а во поставувањето на телевизорите соодветна поддршка даде и хаусмајсторот Дарко Лолески.Училиштето веќе 14 години соработува со здружението „Macedonian schools project“ и во соработка со истото има реализирано многу проекти за подобрување на условите за работа во училиштето и има набавено многу нагледни средства.

Првиот училишен ден во ООУ „Ванчо Николески

Денес училишниот двор повторно беше полн со ученици. Со свечена приредба и поздравен говор од директорката Елена Ел Нади беа дочекани првачињата во централното училиште во Лескоец. Пригодна програма беше организирана и во подрачните училишта во Косел, Куратица и Ливоишта. Наставата за сите ученици ја започнуваме со физичко присуство со почитување на протоколите за заштита од Ковид 19. На сите ученици, родители и наставници им посакуваме успешна, среќна и безбедна учебна година!