Активности по повод Детската недела

Првачињата од ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец, но и од подрачните училишта во Косел, Куратица и Ливоишта официјално станаа дел од Детска организација. Детската недела која се одбележува секоја година во првата полна недела од месец октомври, оваа година во нашето училиште се одбележа со низа активности. Почнувајќи од 4-ти Октомври кога ја читавме Конвенцијата за правата на детето, на 5-ти Октомври го одбележавме Денот на учителот, на 7-ми Октомври првачињата реализираа еколошка акција за чиста околина и подобро здравје, за на крај од неделата, на 8-ми Октомври, сето празнување да заврши со пригодна свеченост за прием на првачињата во Детска организација. Со краток свечен говор од директорката на училиштето Елена Ел Нади, со мала свечена приредба и давање заклетва, првачињата гласно и јасно го кажаа детското ветување, дека ќе учат вредно, ќе се грижат за себе и другите и ќе постигнуваат резултати во учењето. Во рамки на празнувањето на приемот на првачињата во Детска организација во ПУ Косел, беше одбележан и 11-ти Октомври, Ден на народното востание на македонскиот народ.
Сите настани се организираа во вонредни услови, но со почитување на мерките за заштита од Ковид 19, бидејќи и мотото за оваа година е во тој правец: „ЈАС ИЗБИРАМ ЗДРАВЈЕ, А ТИ?“