АПРИЛИ – ЛИ – ЛИ!

Денот на шегата 1-ви Април, учениците од ООУ „Ванчо Николески“ го дочекаа со креативни маски, шеги и разни активности, секако почитувајќи ги мерките за заштита од Ковид 19. И учениците кои следат настава со физичко присуство, но и тие кои следат онлајн настава, си дозволија барем за миг да заборават на пандемијата која го промени светот и маските за заштита да бидат дополнети со креативни маски за одбележување на овој весел ден. 

1-ви Април и повторно сѐ е можно. Ништо не може и не смее да ја спречи детската фантазија, детската среќа и радост. Априли-ли-ли!

АКТИВНОСТИ ПО ПОВОД ДЕНОТ НА ЕКОЛОГИЈАТА И ДЕНОТ НА ПРОЛЕТТА

По повод Денот на екологијата и Денот на пролетта, ученици од нашето училиште под менторство на нивните наставници и со почитување на мерките за заштита од Ковид 19, денес реализираа активности за подигање на свеста за заштита на животната средина.

Учениците од еколошката секција од централното училиште во Лескоец под менторство на наставничките Татјана Пуцоска Бунчевска и Габриела Ѓоргиевска се погрижија за собирање на отпадоците во училишниот двор, училишниот парк како и околните улици во Лескоец, испраќајќи порака дека сакаат да живеат во чиста средина и во место каде отпадоците завршуваат во соодветни канти за отпадоци.

Учениците пак од одделенска настава во ПУ Косел заедно со нивните одделенски раководители Билјана Танеска и Даниела Чифлигароска преку испишани пароли од новото игралиште во Косел побараа поголема грижа за околината, желба за поголема еколошка свест, а го најавија и доаѓањето на долгоочекуваната пролет.

Целта на овие активности е да се подигне еколошката свест кај учениците, но исто така и кај возрасните за поубава и почиста животна средина.

ООУ „ВАНЧО НИКОЛЕСКИ“ СО НИЗА АКТИВНОСТИ ЗА ПОДДРШКА НА ЛИЦАТА СО РЕТКИ БОЛЕСТИ

Со низа содржини и активности во текот на месец февруари, како и со единствена завршна активност на денешниот одделенски час, учениците од нашето училиште го одбележаа месецот на ретки болести. Преку фотографии, обоени лица, цртежи, пароли и пораки изразија поддршка за лицата со ретки болести и нивната спремност да се подаде рака на истите. Во активностите се вклучија учениците и од подрачните училишта, а меѓу испишаните пораки беа и следниве: „Ретките лица се храбри“, „Ретки сте, но не сте сами“, „Болеста може да е ретка, но вербата голема“, „Ретко е да си редок“, „Посилни сте отколку што изгледате“.Преку информативни содржини, разговори и креативни активности, ние како училиште секоја година се вклучуваме во поддршка на лицата со ретки болести, со тоа нашите ученици ги воспитуваме во духот на почитување, хуманост, прифаќање, помагање, толеранција и грижа за другите.

УСПЕСИ ОД НАТПРЕВАРИ

Ученици од ООУ „Ванчо Николески“ под менторство на нивните наставници учествуваа на општинскиот натпревар по математика и општинскиот натпревар по физика што се реализираа во февруари 2021 година и ги постигнаа следниве успеси:

Тамара Зенгоска од IVa – трета награда, ментор Сашо Климоски

Андреј Стеваноски од IVa – трета награда, ментор Сашо Климоски

Кирил Лазароски од IVб – трета награда, ментор Јасна Бадалоска

Мартин Мирјаноски од IVб – трета награда, ментор Јасна Бадалоска

Зоран Китановски од Vб – прва награда, ментор Марјана Крстаноска

Јохан Парулески од Vб – прва награда, ментор Марјана Крстаноска

Сара Аслимоска од VIa – трета награда, ментор Цвета Андреска

Теодора Тодороска од VIб – пофалница, ментор Весна Симоноска

Мелани Котоска од VIIIб – освои трета награда, ментор Весна Симоноска

На општински натпревар по физика со ученичката Стефанија Баракоска од IXб под менторство на наставничката Цвета Андресака освои трета награда и обезбеди пласман за регионален натпревар.

На сите ученици им честитаме на постигнатиот успех и им посакуваме добар пласман и на регионалните натпревари.

ЗАСАДЕНО УКРАСНО ЗИМЗЕЛЕНО ДРВО НА МИРОТ ВО УЧИЛИШНИОТ ДВОР

Во рамки на проектот „Патеката на мирот“, ученици од беровската гимназија ОСУ „Ацо Русковски“ го посетија нашето училиште и засадија украсно зимзелено дрво од видот Photinia Red Robin во училишниот двор. Овој проект беровската гимназија го реализира заедно со училишта од Албанија и Косово, а целта е промовирање на соживот и мир, преку организирање работилници и симболично засадување дрвциња на мирот во 3 различни училишта низ нашата држава.

ООУ „Ванчо Николески“ во Лескоец беше избрано како дестинација за заокружување на нивниот проект, каде го засадија последното украсно дрво и испратија порака за меѓусебно почитување, мир и толеранција.

Новогодишни пакетчиња за првачињата

Со желба за добро здравје и многу успех во Новата година, директорката на ООУ „Ванчо Николески“ денес во холот на училиштето им подари новогодишни пакетчиња на првачињата. Таа искажа искрени пофалби за нивниот труд во изминатото полугодие, за нивната одговорност кон почитување на мерките за безбедност и нивната посветеност во учењето. Со надеж дека сите заедно ќе имаме подобра следна година, таа им посака среќни новогодишни и божиќни празници, да останат безбедни, за потоа одморени и среќни да се вратат во училишните клупи во второто полугодие. Првачињата под менторство на нивните наставнички имаа подготвено песна и стихотворба, преку кои се заблагодарија на новогодишните желби и пакетчиња.

НОВОГОДИШНАТА ЕЛКА ВО ООУ„ВАНЧО НИКОЛЕСКИ“ НАКИТЕНА СО МЕДАЛИ ОД ПРОЕКТОТ „ПРЕДИЗВИКАЈ СЕ СЕБЕСИ И БИДИ АКТИВЕН“

ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец е едно од десетте училишта вклучени во проектот „Предизвикај се себеси и биди активен“, а се однесува на поттикнување на физичката активност кај учениците. Над 30 ученици од ова училиште во текот на месеците октомври и ноември партиципираа во активности и вежби, креирани од квалификуван и професионален едукатор за физичко образование, преку интерактивна онлајн плаформа.  

Continue reading “НОВОГОДИШНАТА ЕЛКА ВО ООУ„ВАНЧО НИКОЛЕСКИ“ НАКИТЕНА СО МЕДАЛИ ОД ПРОЕКТОТ „ПРЕДИЗВИКАЈ СЕ СЕБЕСИ И БИДИ АКТИВЕН“”

Целосно осветлен училишниот двор во ООУ „Ванчо Николески“ во Лескоец

Благодарение на Лајонс клубот Лихнидос и ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец стана место на светлината, како дел од проектот „Охрид – Град на Светлината“.

Училиштето „Ванчо Николески“ во Лескоец за првпат е целосно надворешно осветлено, со најнова лед технологија. Светлата се штедливи, долготрајни и потполно безопасни, посебно затоа што во прашање се деца. Осветлувањето на училиштето е донација од Лајонс клубот Лихнидос од Охрид.

Со осветлувањето е опфатен главниот влез, предната страна од двете крила на зградата, училишното игралиште со реквизити, како и задниот дел од училиштето. Со оваа акција освен што училиштето доби нов естетски изглед во вечерните часови, значително се подобрија условите за безбеден престој на учениците, како и за зачувување на реквизитите што во доцните часови се предмет на уништување.

„Соработката со ЛК Лихнидос постои веќе неколку години и е на високо ниво, а ова не е нивниот прв хуман гест. Сигурна сум дека и во иднина ќе имаме други заеднички активности, сѐ со цел подобрување на условите во нашето училиште“ – истакна директорката на училиштето Елена Ел Нади.  

ООУ „ВАНЧО НИКОЛЕСКИ“ ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „ПРЕДИЗВИКАЈ СЕ СЕБЕСИ И БИДИ АКТИВЕН“

ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец е едно од десетте училишта вклучени во проектот „Предизвикај се себеси и биди активен“, а се однесува на поттикнување на физичката активност кај учениците. Имено, над 30 ученици од ова училиште партиципираат во активности и вежби, креирани од квалификуван и професионален едукатор за физичко образование, преку интерактивна онлајн плаформа http://predizvik15.mk/.  

Continue reading “ООУ „ВАНЧО НИКОЛЕСКИ“ ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „ПРЕДИЗВИКАЈ СЕ СЕБЕСИ И БИДИ АКТИВЕН“”