Во периодот од 26 до 30 октомври, Охрид и ООУ „Ванчо Николески“ – Лескоец беа домаќини на првата образовна мобилност во рамките на Еразмус+ проектот „Blue Labs for School“, реализирана во партнерство со ОШ „Петар Канавелич“ од Корчула, Република Хрватска. Координатор на проектот е Локалната агенција за развој од Струга, а проектен координатор е екологистот Драгана Карашова, која ја координираше реализацијата на активностите. Пет дена исполнети со учење, истражување, дружење и размена на искуства, во кои водата, природата и грижата за животната средина беа во центарот на едно прекрасно меѓународно образовно искуство.

Во мобилноста учествуваа осум ученици и двајца наставници од училиштето од Корчула, како и осум ученици, педагогот и наставници од нашето училиште. Заедничката цел беше преку непосредно искуство, истражување и практична работа учениците да ги продлабочат знаењата за водните ресурси, биолошката разновидност, заштитата на природата и одржливиот развој, развивајќи притоа одговорен однос кон животната средина.

Првиот ден беше посветен на запознавање со природните и културните богатства на охридскиот регион. Учениците го посетија манастирскиот комплекс „Св. Наум”, каде се запознаа со природното потекло на водите, нивното значење за екосистемот и потребата од нивна заштита. Преку разговор и набљудување се отворија важни прашања за зачувувањето на чистотата на водата, рационалното користење на водните ресурси и личната одговорност во нивната заштита. Го посетија и Музејот на вода – „Заливот на коските“, каде што дознаа повеќе за праисториската наколна населба, животот на некогашните жители и нивната поврзаност со езерото. Денот продолжи во Охрид, со заедничко возење велосипеди по кејот на Охридското Езеро.




Вториот ден беше посветен на науката и истражувањето. Во Хидробиолошкиот завод во Охрид учениците учествуваа во стручни и интерактивни работилници за водата и животот во неа. Преку експерименти, практични демонстрации и работа со стручните лица, се запознаа со карактеристиките и квалитетот на водата, водните организми, биолошката разновидност и процесите што го одржуваат животот во водните екосистеми. Истражуваа, поставуваа прашања и заклучуваа, согледувајќи дека заштитата на водата е и научен предизвик и секојдневна одговорност.

Денот продолжи со прошетка низ стариот дел на Охрид, во придружба на туристички водич. Преку запознавањето со богатото културно-историско наследство, традицијата и знаменитостите, гостите од Корчула ја почувствуваа посебноста на градот кој со векови живее во нераскинлива врска со своето езеро.








Третиот ден донесе практична работа, ентузијазам и заедничка еколошка акција. Во училишниот двор на ООУ „Ванчо Николески“ се реализираше акција за уредување на училишниот парк и засадување нови дрвца. Покрај учениците и наставниците од двете партнерски училишта, се вклучија и други вработени од нашето училиште, претворајќи ја активноста во прекрасен пример за заедништво и колективна грижа за училишната средина. Со практична работа и заедничка желба да остават нешто убаво зад себе, учениците испратија силна порака дека промените започнуваат од нас и од нашата непосредна околина. Засадените дрвца станаа симбол на растот, пријателството и посветеноста кон поздрава иднина.






Посебно инспиративно беше и патувањето до Вевчани, каде што учениците го посетија Културно-еколошкиот центар и прекрасните Вевчански извори. Преку стручно предавање и интерактивни активности се запознаа со природните карактеристики на заштитеното подрачје, богатството на флората и фауната, значењето на изворите и потребата од зачувување на природните живеалишта. Движењето низ планинскиот предел им овозможи да стекнат знаења за одговорното однесување во природата, ориентацијата и снаоѓањето во простор, како и внимателното набљудување и почитување на природната средина. Уште еднаш се потврди дека највредните лекции понекогаш се учат токму во природата, преку непосредно искуство.
Мобилноста беше и прекрасна можност за меѓусебно запознавање на културите и традициите на двете земји. Во рамките на работилницата „Учиме да сучиме“ во соработка со здружението „Пирустија“, учениците се запознаа со дел од традиционалната охридска кујна, научија за подготовката на автентичните локални специјалитети и непосредно учествуваа во нивното приготвување. На еден поинаков, близок и вкусен начин го доживеаја локалното културно наследство.














Учесниците имаа можност да согледаат дека Охрид и Корчула се две различни места, но со слични предизвици и една заедничка еколошка порака. Проектните активности се посветени на истражување, тимска работа и презентација на стекнатите знаења. Работејќи во мешани групи, учениците подготвија презентации за Охрид и Корчула, нивните природни и еколошки богатства, водните ресурси, културните особености, сличностите и разликите, како и предизвиците и можностите за заштита на животната средина.
Преку презентациите, дискусиите и размената на мислења, тие ги претставија своите средини и научија дека, иако доаѓаат од различни држави и култури, ги поврзуваат истите вредности и одговорности. Охридското Езеро и Јадранското Море се различни водни светови, но нивната заштита бара еднаква посветеност, знаење и свест.
Оваа петдневна мобилност беше многу повеќе од серија едукативни посети и работилници. Таа им овозможи на учениците да учат преку искуство, да истражуваат и соработуваат, да ги развиваат комуникациските и социјалните вештини и да создаваат пријателства што ги надминуваат географските граници. Преку заедничките активности ги унапредија еколошката свест, критичкото размислување, креативноста и чувството за одговорност и припадност кон пошироката европска заедница, истовремено запознавајќи ги културата, традицијата и начинот на живот на своите врсници.





Со прекрасни впечатоци, нови знаења и многу убави спомени, учесниците ја завршија првата мобилност, но не и својата заедничка приказна. Во наредниот период следуваат онлајн активности и продолжување на соработката меѓу двете ученички групи, а во мај 2027 година партнерите повторно ќе се сретнат, овојпат во Корчула, Република Хрватска, каде што ќе се реализира втората мобилност. Таа ќе донесе нови можности за истражување, учење и практикување вештини за зачувување на животната средина и промовирање на одржливиот развој.
Бидејќи целта на „Blue Labs for School“ не е само да ги научиме учениците колку се важни водата и природата, туку да ги поттикнеме да станат нивни активни чувари. А најубавиот резултат од оваа мобилност се насмеаните лица, новосоздадените пријателства и сознанието дека заедно можеме да направиме многу за почиста средина, позелена иднина и свет во кој грижата за природата нема граници.

