Реализирани работилници во рамки на Проектот за меѓуетничка интеграција

Во текот на ноември и декември 2021 година нашето училиште ООУ Ванчо Николески – с.Лескоец, општина Охрид реализира шест онлајн работилници во соработка со партнер училиштето ООУ Јонус Емре – с.Лисичани, општина Пласница. Работилниците се реализираа во рамки на Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието. Во работилниците учествуваа вкупно 13 наставници и стручни соработници и 72 ученици од двете партнер училишта. Работилниците се изведоа преку онлајн средби на наставниците и учениците од двете училишта преку платформата Microsoft Teams.

             Целта на овие онлајн средби беше преку интерактивни работилници да се избришат меѓуетничките бариери кај нашите ученици, како и да се промовира интеграција, толеранција и соживот. Учениците од двете училишта на интерактивен начин, а под водство на тандеми од наставници, учествуваа во психолошка, педагошка, биолошко – хемиска, македонско – турска, спортска работилница и работилница за инклузија во образованието.          Психолошката работилница на тема: “Емоционална интелигенција” се реализираше во три онлајн средби.  Во неа учествуваа 12 ученици од IX одделение и двајца психолози од двете партнер училишта. Цели на психолошката работилница беа: запознавање на учениците со поимот емоционална интелигенција и зголемување на истата преку активности за подигнување на свесноста кај учениците за постоењето на различни емоции кај себе и кај другите, нивно препознавање, прифаќање, изразување и соодветно  справување со истите. На оваа работилница во првата средба учениците се запознаа меѓусебно, соработуваа и научија да прават разлика помеѓу когнитивната и емоционалната интелигенција. Преку Google forms пополнаа психолошки тест за емоционална интелигенција и ги открија своите EQ. Во текот на втората средба  преку вежбата „Шема на емоции“ учениците научија како да ги воочуваат и разбираат своите емоции, да ги дефинираат и да ги претстават истите со цртеж. Преку вежбата „Погледни и погоди што чувствувам” учениците научија да ги препознаваат различните фацијални експресии од другите луѓе и истите да ги поврзуваат со соодветната емоција. Преку третата вежба „Слушни и претпостави како се чувствувам” учениците беа ставени во разни животни ситуации и преку различни секојдневни случки научија да ги препознаваат нивните емоции и емоциите на другите луѓе. На третата средба научија какви видови комуникација постојат и што е тоа асертивна комуникација. Стекнаа вештини за асертивно изразување на своите емоции преку асертивна комуникација и „јас” пораки и научија како да ги контролираат и регулираат  своите емоции.            Педагошката работилница на тема: „Неопходни техники за успешно учење“ се реализираше со 12 ученици од V одделение и двајца педагози. Педагогот со нашите ученици ја реализираше работилницата со физичко присуство во училница, а преку платформата Microsoft Teams беа поврзани со учениците и педагогот во ООУ „Јунус Емре“ – Лисичани. Целта на работилницата беше да се поттикне креативноста на учениците што ќе биде во насока на успешно учење, да се развиваат техники неопходни за успешно учење, да се дискутира за методите на учење, организација на времето и активно учење. На почетокот на работилницата учениците пополнуваа работен лист „Кој сум јас?“, чија улога беше учениците да се запознаат меѓусебно. Потоа продолжија со вежба со Инсерт техника, кога учениците добија Работен лист со текст „Што е потребно за успешно учење“. Учениците имаа за задача во рок од 7 минути индивидуално да го прочитаат текстот со примена на Инсерт техника, а потоа сите заедно направија едно утрвдување на прочитаното/наученото преку техниката Грозд. Секој од учениците имаше можност да истакне барем еден од осумте важни фактори за успешно учење и да го додаде на заедничкиот грозд што го изработуваа на хамер. Следуваше вежба за да се совладаат чекорите на учење. Сите ученици добија Работен лист во кој ги имаа чекорите на учење со објаснување, но со измешан редослед, а учениците требаше да ги проучат и подредат по правилен редослед. Истите потоа ги додадоа на хамерот. Во последната вежба која беше за функционализација на наученото сите ученици добија Работен лист, каде беа ставени тврдења на кои учениците требаше да одговорат со Т доколку се однесува за нив, и со НеТ доколку не се однесува за нив. Преку оваа вежба се согледа дека учениците ги совладаа важните препораки за успешно учење и имаат желба и интерес да ги применуваат во пракса. Преку оваа работилница учениците ја согледаа потребата и важноста  од учењето, поминаа низ процес на активно учење, ги проучија техниките чекорите за правилно учење, сето тоа преку разни техники за учење.            Во спортската работилница учествуваа 16 ученици од IX одделение и двајца наставници по ФЗО. Учениците играа онлајн шах. Цели на спортската работилница беа: интеракција, рекреација, дружење, меѓусебно запознавање, учење правила за шахот, меѓусебна соработка помеѓу наставниците и учениците. Учениците од двете партнер училишта се запознаа меѓусебно,  се дружеа, се натпреваруваа и се рекреираа. Изградија спортски дух и ги подобрија меѓусебните односи на двата етникуми

            Биолошко – хемиската работилница се реализираше во две онлајн средби преку Microsoft Teams. Во неа учествуваа 22 ученици од IX одделение и 3 наставници од двете партнер училишта. На првата средба се обработуваше биолошка тема: „Состав на избалансирана храна”. Цели на работилницата беа следниве: Стекнување знаења за правилна исхрана со внесување на сите хранливи материи во текот на денот, неправилна исхрана со прекумерно внесување на некои хранливи материи, стекнување знаења за болести при недостиг на некои хранливи материи и определување на хемиските елементи во исхраната. Учениците прво се запознаа меѓусебно, а потоа преминаа на работа. Беа поделени во неколку групи. Во секоја група имаше ученици од двете училишта. На групите им беа зададени задачи за изготвување слајдови на македонски и турски јазик. Наставничките им споделија готови материјали и сликички за различни видови на храна. Сите групи работеа засебно на различен вид на храна, а наставниците им помагаа во работата и ги надгледуваа. На крајот сите слајдови беа пратени на една група која беше задолжена да ја направи крајната презентација и да ја презентираат заедно сите ученици, секоја група го презентираше тоа што го изработила. Учениците преку оваа работилница ги научија составните делови на избалансираната храна и  донесоа заклучок дека избалансираните диети содржат соодветни количини на прехрамбени производи кои ги содржат точните количини на јаглехидрати, протеини, масти, витамини и минерали.

             На втората средба од биолошко-хемиската работилницата се обработуваше тема од хемија: „Примена на елементите од периодниот систем во секојдневниот живот”. Нашите ученици ја реализираа работилницата со физичко присуство во училница, а преку платформата Microsoft Teams беа поврзани со учениците и наставникот од ООУ „Јунус Емре“ – Лисичани. Во текот на целата средба се работеше со Power Point презентација. Учениците прво повторија што е тоа периоден систем, од кои елементи се состои, како се одбележуваат истите во колони и редови и дека овој систем бил конструиран од рускиот научник Димитриј Иванович Менделеев. Се повтори и тоа дека aтомските броеви како организатори на периодниот систем дале дефинитивна подреденост на елементите основана на цели броеви, што се применува и денес дури и за новите синтетички создадени елементи. Во текот на оваа средба учениците ги научија елементите од периодниот систем кои се наоѓаат во храната, кој елемент во која храна се наоѓа. Потоа ги научија елементите на периодниот систем кои се наоѓаат во предметите околу нас и предметите кои секојдневно ги употребуваме. На крајот научија од кои елементи од периодниот систем се составени водата, воздухот, песокот, камењата и огнометот.

           Во македонско – турската работилница учествуваа 16 ученици од VII одделение и двајца наставници од двете партнер училишта. Нашите ученици ја реализираа работилницата со физичко присуство во училница, а преку платформата Microsoft Teams беа поврзани со учениците и наставникот од ООУ „Јунус Емре“ – Лисичани. Темата на работилницата беше: „Радиодрама”.  Цели на работилницата беа: запознавање на учениците со радиодрами и видови на драми, запознавање и дружење  на ученици од различни етнички заедници и учење на нови зборови. На почетокот на работилницата учениците се запознаа меѓусебно и наставниците ги поделија во групи. Преку прашања и одговори повторија за литературни родови, за одлики на родовите и за видови драма. Потоа слушаа радиодрама на компјутер. Откако го ислушаа исечокот од радиодрамата, наставниците на флипчарт табла напишаа прашања за радиодрама: Што е потребно за да постои драма?, Која е разликата меѓу театарска драма, драмски текст и радиодрама?, Кој е главниот елемент на радиодрамата? Учениците потоа во групата заеднички осмислуваа одговори на прашањата од наставникот и ги пишуваа на флипчарт таблата. Секоја група пишуваше за исечокот од радиодрамата што ја слушнаа и за тоа кои елементи ги препознаа. На крајот наставниците ја пуштија презентацијата како сублимат на целата работилница, а учениците коментираа и дискутираа за истата. Со тоа се направи рефлескија на тоа што го работеле и научиле за време на работилницата.

          Во работилницата за инклузија во образованието учествуваа 10 ученици од V одделение, 1 одделенски наставник и 1 дефектолог. Нашите ученици ја реализираа работилницата со физичко присуство, а преку платформата Microsoft Teams беа поврзани со учениците и дефектологот од ООУ „Јунус Емре“ – Лисичани. Оваа работилница беше на тема: „Развивање на инклузивна клима во училиштетоЦел на работилницата беше: развивање на свест за различностите и јакнење на капацитетите за прифаќање на истите. Учениците го изработуваа сопствениот портрет на даден шаблон – силуета, ги согледаа различностите меѓу нив  и разменуваа мислења во врска со содржината од презентацијата. На крајот заеднички изработија хамер од сопствените профили  кој  носеше силна порака „СИТЕ СМЕ РАЗЛИЧНИ, НО ЕДНАКВО ВРЕДНИ”. Со оваа работилница се постигна зголемување на свесноста кај учениците за различностите помеѓу луѓето и потребата за еднакво прифаќање на сите.

           Со одржаните работилници учениците ги збогатија своите знаења и другаруваа. Пред се најважно е што ја развија меѓусебната соработка и толеранција. Исто така преку непосредна интеракција ја подобрија тимската работа, ги намалија предрасудите и ги подобрија интерперсоналните односи помеѓу двата етникуми. Ваквите заеднички работилници со партнер училиштето ООУ „Ванчо Николески“ ги реализира веќе 4 години, а планираме да продолжат и понатаму.

Напишете коментар